Антиќ и сѐ е можно: Првпат во историјата ќе нема кошарка поради - штрајк на судиите!

Перо Антиќ е пред заминување од функцијата претседател на КФМ, но пред да се случи постави уште еден „црн рекорд“ бидејќи во негов мандат се случи уште еден историски преседан – да не се играат натпревари поради штрајк на судиите.

Плејофот требаше да стартува утре со првите средби од четврт-финалната фаза, но тоа нема да се случи бидејќи Куќата на кошарката не им ги исплатила таксите уште од почетокот на годината. Тоа значат долгови од најмалку 1.000 евра по судија, што воопшто не е мала работа за македонскиот стандард, поради што официјалните лица се решија за најнепопуларниот потег – да штрајкуваат. Делегирање нема, а се најавува дека првите средби би се играле во вторник, иако тоа е тешко за очекување со оглед што според неофицијални информации КФМ во моментов ги нема средствата за да им ги исплати долговањата на судиите, кои, пак, се решени да не судат додека не ги добијат сите пари.

Антиќ претходно прекина и традиција долга 20 години, откако не го одржа изборот за најдобри кошаркар(к)и и екипи за претходната година, најверојатно како казна за клубовите кои во огромен дел му покажаа црвен картон на последното Собрание. Тој тогаш се спаси од смена поради административни пречки, кои на почетоков од месецов беа надминати, па веќе е поднесено барање за Вонредно Собрание на кое тој би бил сменет, а потоа на негово место би бил избран Младен Ѓуроски. Рокот за закажување истекува на 15 април, по што иницијаторите ќе може сами да си закажат Собрание.