Академија ФМП се спаси и го турна Кожув во битката за опстанок (ФОТО)

Академија ФМП оствари убедлива победа против ТФТ Скопје со 77-65 и така ја искористи последната шанса да обезбеди пласман во плејофот, со што го турна тимот на Кожув во битката за опстанок во лигата.

ТФТ беше достоен противник во првата четвртина, во која речиси постојано го имаше водството ( 18-17). Рони Херис најпрво израмни на 22-22, а потоа со тројка ја однесе Академија ФМП на 25-22. Како минуваше времето, така растеше водството на гостинската екипа, која на полувреме замина со 41-30.

Во второто полувреме беше решено прашањето за победникот, кога Академија ФМП избега на +20 на крајот на третата четвртина, по што со рутинска игра го доби натпреварот со 77-65.

Стефан Крстајиќ постигна 34 поени, 10 скокови и четири асистенции за победничкиот тим, додека кај ТФТ најефикасен беше Андреј Митревски со 18 поени, пет скокови и две асистенции.

Со завршување на овој меч беа познати сите тимови кои ќе играат за титулата, а тоа се Пелистер, Еуро Никел, Работнички, Гостивар, ТФТ Скопје, Академија ФМП, МЗТ Скопје и Куманово.