Несторовски направи шоу по двата гола на Ријека - танцуваше по гаќи (ВИДЕО)

Македонскиот напаѓач Илија Несторовски имаше вечер за паметење во хрватското првенство. Искусниот голгетер постигна два гола во убедливата победа на Славен Белупо од 4-1 против Ријека, а потоа го продолжи славјето со танц на маса во соблекувалната.

Славен Белупо на домашен терен во Копривница ја совлада Ријека, иако гостите поведоа уште во седмата минута со гол од пенал на Тијаго Дантас. Домашниот тим брзо одговори, направи пресврт и на крајот стигна до убедлив триумф.

По погодоците на Ловро Бановац и Јон Мерсинај, на сцена стапи Несторовски. Македонскиот напаѓач најпрво во 69. минута постигна прекрасен гол со удар од далечина, а само пет минути подоцна повторно ја затресе мрежата и го постави конечниот резултат од 4-1. Но, Несторовски не блескаше само на теренот. По големата победа, Славен Белупо објави видео од соблекувалната на кое македонскиот голгетер танцува качен на маса, додека соиграчите го бодрат и го слават убедливиот триумф.

За 36-годишниот напаѓач ова е уште една потврда за одличната форма. Во досегашниот дел од сезоната постигна седум гола на девет настапи во првенството, а двапати се запиша меѓу стрелците и во Купот.

Несторовски во Хрватска пристигна во 2013 година, а најдобрата сезона во тамошниот фудбал ја имаше во 2015/16, кога беше најдобар стрелец во лигата со 25 погодоци во дресот на Интер Запрешиќ. Подоцна настапуваше за Палермо, Удинезе и Асколи, пред во 2024 година да се врати во хрватскиот фудбал и да го облече дресот на Славен Белупо.