Македонијо, марш право нагоре!

ВЛАДКО АРСОВ

Лесно е да се биде емотивен и да се каже „Европсково првенство не ми е по ќеф, Македонија разочара“. За емоциите не е потребно објаснување, тие едноставно се чувствуваат и секоја понатамошна аргументација е залудна, тие бездруго постојат. Меѓутоа, светот не се движи (само) на емоции, туку и на рационален погон, кој бара „затоа“ на секое „зошто“, па горнава поплака не би потрајала ни цел час во овој сектор од свеста. ЗоштоЗатоа што за да бидете разочарани за нешто, значи дека реалноста потфрлила и ви ги изневерила очекувањата. Значи, секој разочаран очекувал повеќе од Македонија од трите порази во групата со Данска, Словенија и со Црна Гора.

Арно ама, на која основа?

Овде зборуваме за репрезентација, која на последните три големи првенства (’19 ’20 ’21) одигра 11 натпревари против европски селекции и загуби 10 пати (единствената победа е против Украина со гол на Кире Лазаров во последната секунда). Ова е репрезентација која пред 12 месеци си го бараше достоинството во некој ќош од Каиро, размонтирана на минус 19 од Египет. Губевме двоцифрено и во 2108 и во 2019 и во 2021, а оваа Македонија од Дебрецин, не е ништо полоша од репрезентацијата со македонско знаме од ЕП 2020, кога заврши трета во група со Чешка, Австрија и со Украина. Зошто? Затоа што тројцата најдобри стрелци на Македонија на тоа ЕП беа Кире Лазаров, Дејан Манасков и Стојанче Стоилов. Тие тројца во Дебрецин одиграа 21 минута.

Штом товарот на конкуренцијата не нѐ згмечи без трите најцврсти столбови, разочарувањево не ќе да е произведено во Унгарија, туку е наталожена фрустрација од слободниот пад кој веќе неколку години нѐ присилува да се соочиме со можните длабочини на дното. Кој нѐ турна од работ и од кога почнавме да паѓаме е прашање на кое толкувачите имаат различни одговори, од Краков и Гдањск 2016 до Вараждин 2018. Целиот развој деновиве во Дебрецин е очигледен знак дека тресокот на мртва точка бил лани во Египет, а ова што се случува една година подоцна е неизбежно „левитирање“ во мрачните предели. И ќе се соземаме така уште некое време пред да помине шокот и тргнеме повторно нагоре. Нема друг избор освен горе. И тоа горе на македонски, не на српски. Зошто? Затоа што сетете се дека носителите Кузмановски, Талески и Велковски имаат по 26 години, а за жал, кај нас почвата подоцна ги созрева талентите во сениори. Кире Лазаров и Наумче Мојсовски имаа по 26 години во 2006 година, кога Македонија можеше да сонува настап на првенство, примаше по 40 и кусур од Чешка, од Србија и задолжително кикснуваше со некоја Естонија или Израел.

Правејќи ја таа компарација, никако не треба да претставува алиби ни за тројцата бекови, ни за кого било друг кој мисли дека може да се скрие зад одговорноста. Замерки и критики има многу на колективната адреса по настапот во Дебрецин, а во очи паѓаат два елемента. Првиот – наивните грешки. Македонија имаше 45 загубени топки на трите меча (16+13+16), што ќе рече точно една третина од нападите завршувале во „була“. Тоа се 15 шута од кои се откажале, без да правиме муабет колку од нив би завршиле во гол. Тука доаѓаме до вториот поразителен елемент – реализацијата. На некој чудесен начин голманите на противниците на Македонија континуирано имаат партии на сезоната или кариерата и тоа не може да е случајно. И не зборуваме само за Симиќ, Грин и Мелер, туку и за голманите на Финска, на Швајцарија... Многу постручни од нас новинарите ќе знаат и да укажат и да работат со овој сериозен симптом, бидејќи нѐ следи како темна сенка.

Ако овие сегменти од играта не се подобрат, тогаш ќе мора од некаде да си купиме победнички менталитет, бидејќи и тој ко да ни е дефицитарен. Лазаров по Црна Гора рече „голем играч обично се раѓа со тоа, ама да пробаме некако да го всадиме во нашите репрезентативци“. И очигледно ќе мора. А тој самиот и неговиот стручен штаб ќе мораат да го стегнат каишот и да ги ресетираат поставките на филтерот за националниот дрес, па како што рече, од нула да бираат 16-20 кои ќе го заслужат. Во Дебрецин, очигледно имаше момци, кои не требаше да бидат тука и обратно, во Македонија сигурно останал некој што можеше подобро да одговори на ЕП. Критериум за играње мора да бидат залагањето, квалитетот, формата, освен кога вакцини и тестови прават некој да дојде преку ред. За корона и ЕХФ прави исклучок.

Време за изговори нема, уште помалку за работа и усовршување на системот на игра, кој очигледно почна да ѝ дава на Македонија некоја нова нишка. Игравме брз центар, имавме ротации и комбинаторика и играта не е толку предвидлива како „два на два со пикер“. Сепак, сето тоа е уште нерафинирано, недобрусено и само во периоди. Успехот ќе биде сладок, но патот нагоре е послан со искинати нерви и пропуштени шанси. Кире Лазаров еднаш веќе го искачуваше, како играч, пред 15+ години, а сега е и селектор и ако некој знае како да води, сигурно е тој. Само, селекторската кожа е подебела од играчката. Зошто? Затоа што трпи критики, притисоци, играчки грешки и соништа на цела една нација.