Вардар нѐ боли, а нив ги боли за Вардар!

ВЛАДКО АРСОВ

Со трепетни прсти и со капки по тастатурата го пишувам овој документ за нескршливоста на волјата на спортистот, за големината на срцето на човекот – за немерливата сила на Вардар. Ова е клубот кој почнаа да го нарекуваат жив мртовец пред 12-тина месеци, кога 6-7 играчи добија врамени дресови, а еден генијален ум чекираше карта во еден правец. Ова е клубот кој, признавам одговорно, планиравме едвај да го туркаме од просечноста, кон старите убави спомени, камо ли да игра во Европа и напролет. Ова е друштвото играчи, кое ѝ се спротивстави на логиката, ја исмеа стварноста и склучи пакт со фантазијата за да докаже дека титулите се за заслужување со пот и цврста волја, а не за купување со пари.

Ах тие пари...Ги немаа(т) со месеци, а вечерва во Келн играа, ко да им е нареден животот и тоа против тим, кој е преплатен со двоцифрен буџет во милиони. Ова не е веќе спорт, ова оставам на научниците да го стават под микроскоп и да видат кое е тоа гориво кое ги крева атомите, кога всушност во резервоарот има само чист човечки ентузијазам. Па во модерново сурово (не)време тоа е како да налеете минерална вода во автомобил...

И како во некоја шекспирова романса со слатко трагичен крај, дел од овие херои веќе од вторник ќе го праќаат својот багаж на нова адреса, принудени Вардар да го остават во прегратките на меморијата. Е ајде тогаш, по оваа предигра да преминеме на главното:

Дали е можно луѓе по ваков катарзичен вознес на сетилата некој и секој да фрли пепел врз Вардар? Зарем нелогичноста со која тие самите ги совладаа земните закони и станаа шампиони, ќе продолжи и по судискиот свиреж, па никој нема да фрли сува пара за кауза која крева на нозе нација, која од анонимуси прави идоли и херои. Зарем ова нема да натера некого, ама кој сака нека е, дали Самсоненко, дали Михајло, дали Скопје, Македонија, влада, партија...за миг да си ѕирне во совеста, па колку што може да извади снага во денарска противвредност и да налее малку живот во пресушениот Вардар? Не е важно луѓе ни со кого сте, ни за кого сте и од која страна сте. Нели гледате дека ова е лепило на скршениот дух на народов, магнет кој ги спојува скараните, учебник за младите како да веруваат и во невозможното. Ако тоа не вреди да му се одржи пулсот, тогаш налет нулите во вашите паричници.

Со трепетлив здив воздивнувам и јас себичен, поради стравот дека ваква радост како навивач и ваква привилегија како новинар нема да имам повторно.