Метла и во фудбалот - под итно!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонскиот клупски фудбал летово го доживеа најголемиот срам во последната деценија, откако Шкендија (Лига на шампиони), Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП (Лига Европа) испаднаа за само една недела во воведното коло од квалификациите, што јасно и недвосмислено ни покажа дека фудбалски сме на самото европско - ДНО!

Ако ланската елиминација во првото коло беше опомена (жолт картон), годинешната „метла“ е црвен картон за комплетната фудбалска структура во државата. Да не се лажеме, ниту да бараме алиби – за овие седум дена си видовме колку ни е силна Првата лига. Нема мешетарења, нема пенали, нема дополнителна помош, а со тоа нема и – резултати. Во Европа секоја грешка скапо се плаќа и на крај ова е суровата реалност. Каква ни беше лигата, а мизерна е благ збор за тоа, таков ни е сега и европскиот настап.

А, само пред нецел месец, кога европретставниците ги добија своите ривали, видовме силно расфрлање со изјави дека можат, дека имаат капацитет и квалитет за (по)долго лето, дека покажале во домашното првенство дека заслужуваат да ја претставуваат Македонија. Приказните одеа вака:

Шкендија: Имаме тим за Лига на шампиони!

Пандев: Добивме противник за мерак!

Македонија ЃП: Имаме сила за второ коло!

Шкупи: Пјуник е фаворит, ама фаворитот секогаш не победува!

После едномесечно живеење во илузии, на сите им се распрсна европскиот сон како меур од сапуница. Шкендија нема да игра групи во ЛШ! На Пандев со шестка му се расипа меракот, а Шкупи и Македонија ЃП нѝ покажаа дека немаа сили да потврдат дека фаворитот не секогаш победува. Покажаа дека ниту заслужија да излезат во Европа, ниту државава заслужи да ѝ нанесат вака голем срам.

Трагично е што во македонскиот фудбал веќе со години се живее во илузии. Се гледа низ розеви очила, се лажеме дека напредуваме и дека допрва ќе ги береме плодовите од „напорната“ работа. Четирите европретставници, (не)сакајќи го открија тоа што со години се крие под површината, а е замачкано со некакви инфраструктурни проекти, градежен бум, фудбалски развој... Прашање е сега дали ФФМ, конечно, ќе се разбуди од убавиот сон? Гледаа(т) ли фотељашите во ФФМ до каде ни стигна фудбалот? Ги гледаа ли мечевите летово и што всушност видоа?

Срамот е многу поголем од чистата статистика на една победа, едно реми, ужасна гол-разлика од 7-19 во осум меча, зашто летово Македонија е трета најслаба во Европа. Замислете, само Молдавија и Сан Марино имаат освоено помалку рејтинг-поени после првото квалификациско коло. Ужасот е најголем, зашто испаднавме од екипи од земји кои по рејтинг се зад нас – Естонија, Ерменија и БиХ. А, три од четирите, екипи (со исклучок на Номе Калју) деновиве држеа фудбалски лекции за играње фудбал.

За големите стручњаци кои веќе со години ја водат фудбалската политика ова е нашата сурово реална слика – четирите наши клубови за 12 часа фудбал постигнаа само седум гола. Или на секои 100 минути по еден. Од седумте погодоци, Шкендија даде два од пенал, Шкупи погоди четири пати и тоа еден од акција (вчера со Пјуник), два среќни од слободен удар поради грешка на голманот и уште еден од прекин од корнер во Ерменија. „Лавовите“ единствениот гол го дадоа од некаква акција во Ерменија. Третиот најдобар клуб во земјава, Академија Пандев, – не даде ниту еден.

Ова е показател колку е голема нашата мизерија, кога на 360 минути (шест часа) екипите кои нѐ претставуваа во Европа постигнуваа смао по еден гол од фудбалска акција. Прашањето што се наметнува е – што играа(т) фудбалерите и екипите, ако не може да дадат гол(ови) од игра?

Тешко дека воопшто и може да очекуваме подобро од ова во овој момент, кога нас фудбалот на крајот од втората деценија во 21-от век уште тактички и фудбалски ни е заглавен во 80-те години од минатиот век. Ако тогаш тој фудбал демонстрирал многу повеќе техниката во однос на силата, денеска таков фудбал не поминува ни со аматери. Акции од голман на стопер, па тој до бекот и потоа дијагонала, средно додавање, безидејност, ужасно лоши проигрувања, лесно предвидливи додавања е фудбал што во модерната ера е заостанат. Веројатно да ги вратиме екипите и во 80-те години од минатиот век, тешко со оваа игра би биле до просекот. Затоа и на сцената сме неконкурентни, зашто брза игра, комбинаторика, кратки додавања, „шева“ во одредени зони за да се направи вишок, промена на места, креација со завршно додавање е нешто што носи резултат, а за нас е само – фудбал од ТВ!

Ужасот наречен летна авантура е производ на катастрофалната домашна лига, но уште повеќе и на очајната клупска стратегија на секој тим во елитата – без исклучок. Деновиве да играа младински екипи на европретставниците и да загубеа, веројатно помалку ќе беше болна таа елиминација, наспроти навидув професионализмот што се наметнува во екипите. Одамна во Македонија трчаат сомнителни фудбалери, тотални анонимуси, со кои ниту имаме квалитет, ниту капацитет за поголеми цели.

Што може и да очекува од фудбалски успех, кога најтрофејниот клуб и тој што треба да биде локомотива пропаѓа и сите уво ги боли, кога вториот најтрофеен клуб ја менува стратегијата па наместо да развива млади фудбалери, што им се покажа доста успешно до пред две години се врати на проект да прави тим со ветерани и странски анонимуси. Што може добро да донесе првак, кој мисли дека ако купи „сто“ добри индивидуалци во лига по ораници, може да стигне до групи во елита. Што човек да очекува, кога европскиот претставник среде лето прави реконструкција и тоа на цел тим. Што да се очекува од екипите кои на излез во Европа се радуваат како да освоиле титула, а главната цел им е да ги добијат тие 200.000 евра сигурна награда, без желба и амбиција да ќарат двојно или тројно.

Во Македонија одамна нема фудбал. Тоа на сите им е јасно. Зашто ако го имаше, немаше да се случи најдобриот македонски стрелец во најголемиот клуб да биде заменет со бразилски циркузант кој на 30-на меча како напаѓач едвај даде три гола. Да има фудбал и систем, лига и инфраструктура, дури и кога финансиите се ограничени, нема домашните таленти да глумат навивачи на трибини, а на терен да играат некакви Илиќи, Карвалјовци, Лири, Африканци... И замислете сето ова доаѓа во предвечерието кога еден фудбалски бисер како Елиф Елмас ќе направи македонски рекорден трансфер вреден 18 милиони евра во италијански вицепрвак Наполи.

Затоа и нема фудбал, зашто е (пре)полн со мешетари, фудбалски неработници и фотељаши, кои за единствена цел им е како да ќарат, а не како да смислат излез и спас од фудбалската пропаст.

Оваа срамна „метла“ како продолжение на ланскиот очај во „најлесното“ коло е само најава дека фудбалот е тргнат кон дното, но дека допрва нѐ очекува уште полошо, зашто ниту клубовите имаат абер да направат нешто, ниту федерацијата има план, ниту лигата ќе зајакне, ниту одливот на таленти ќе запре по белиот свет. Не знаеме дали има поголем срам од овој, ама кога ни се случи Андора мислевме дека тука е крајот, па дојде Луксембург, па 166-то место на ФИФА-листата...

Веројатно македонскиот фудбал на момент е спремен за катанец, за да се направи „шок-терапија“ во која мешетарите и неработниците ќе немаат шанса да го водат орото, а вистинските фудбалски работници ќе може тула по тула, бусен по бусен да градат нешто кое од аматеризам ќе го донесат до некој професионализам - на здрави темели и со вредности во кои вистинскиот успех ќе се потврди пред Европа.