Каков ни е фудбалот, ние сме светски шампиони!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонија заврши еден циклус од безмалку три години, започнат со градењето на оваа репрезентација, која дојде до прв настап на Европските ппрвенства, имаше мундијалска квалификациска авантура за паметење, историски квалификации во кој дојде на чекор до пласман на Светско првенство. Мундијалот остана неостварен сон после поразот во Порто, но фудбалската репрезентација ја направи горда цела нација, а каков е македонскиот фудбал севкупно, за сѐ ова што го (на)прави, не заслужи настап на Мундијал, туку заслужи – светска титула!

Нема некој во фудбалот што не сонува за настап на Светско првенство, а Македонија во последниот циклус тргна од четвртиот барабан и успеа да дојде во најтешкиот плејоф во историјата, на две гостувања против два великана да брка пласман на СП. И тоа против двата последни европски прваци, актуелниот Италија, претходниот Португалија. Првиот го изненадивме за второ светско чудо во една година после триумфот во Германија, но против вториот не успеавме.

И човек треба да е реален и не треба никој да биде ниту лут, разочаран или тажен зашто Македонија и ова што го направи е над сите лимити.

Каков ни е севкупниот фудбал, каков ни е односот кон фудбалот, на државно и локално ниво и пред сѐ како го третираат „менаџериштата“ во фотелји кои го управуваат, ФИФА нам за оваа фудбалска бајка уште сега треба да ни ја даде светска титула. Зашто тешко дека има ваква земја во која 40 храбри со неверојатна верба во себе одат над своите лимити до неочекувани граници, а во сопствената држава фудбалските услови им се најтешка мизерија.

Германците и Италијанците да дојдат да видат на какви терени играме, кои не се ни терени, повеќе се ниви и свињарници зашто ливада е и благ збор за најосновниот услов да се игра со „бубамарата“, веројатно колективно ќе се „самоубијат“ од кого во последниве година дена загубиле. И на такви услови во кои ги растеме и созреваме фудбалерите, ние баравме и сакавме да ја победиме Португалија, само пет дена после триумф со Италија. Излишно е да се потенцира какви ни се стадионите, во какви временски услови се игра, мечеви без рефлектори...

Македонија во изминативе пет дена одигра 180 минути со два великани чии играчи заедно имаат вредност од скоро една милијарда евра (читај: една четвртина од македонскиот буџет). А, петмина само од првиот тим на Португалија, преполн со светски ѕвезди, годишно заработуваат повеќе од што нашата држава во фудбалот вложила за една деценија! И Македонија со еден фудбалер во врвен тим, со неколкумина во елитни лиги и сите други во далеку под елитата, успеа да дојде до чекор до Светско, да го живее мундијалскиот сон.

Една Македонија со тренерски стратег како Благоја Милевски, од кого почна ренесансата со златната македонска генерација пред седум години, кој стои рамо до рамо, тактички се надмудрува со еден Роберто Манчини или Фернандо Сантош, а заработува месечно седум-осум илјади евра, колку што најплатениот светски стратег ги добива на конто за 30-на часа (Диего Симеоне има 3,3 милиони евра месечно).

Македонија, која живееше мундијалски сон со првенство кое е едно од петте најслаби, со „професионални клубови“ кои не може ни август да го дочекаат во европските купови, со „професионалци“ кои ги плаќаат четирипати помалку од тоа што претседателот на федерацијата заработува на месечно ниво, а барем 80 отсто од фудбалерите во Македонија земаат најмалку двојно помалку пари од актуелниот Муамед Сејдини.

И капак на сѐ, врв и на лицемерието, е политичката парада за сликања со фудбалските херои, со многу добрите фудбалски (не)работници како едни од најзаслужните за успесите, па „скандалите“ со гага-патувањата одеднаш станаа топ-тема, а за чудо со години се присутни и никој досега во државава уво не го болеше. За политиката немало место во фудбалот, ама за политичарите во чартерите – секогаш има. И за сите тие што ништо не работат во федерацијата, ама се сместени како „бубрези во лој“.

Кога ќе ги погледнете сите овие основни параметри, каков ни е фудбалот, а каква ни е репрезентацијата, оваа мундијалска бајка е за „златниот пехар“. Зашто е доказ дека во Македонија има многу талент, а со правилен пристап, сѐ е е достижно. Зашто е надеж дека ќе го сменат менталниот чип во фудбалот, како што од губитничка ја направија победничка фудбалската репрезентација. Зашто Македонија со оваа бајка им даде надеж на сите „мали“ дека ништо не е невозможно! Зашто Македонија веќе стана светска инспирација!