Перо оди си и спаси ја кошарката во Македонија!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Во пресрет на двегодишнината од мандатот како прв човек на КФМ, Перо Антиќ се соочи со својот најголем пораз – неуспехот на репрезентацијата да се пласира на ЕП 2022. Тој не беше селектор, не играше на теренот, но дефинитивно е највиновен за пропуштањето на втората шанса по ред да се вратиме во европската елита.

Постојат три основни причини за тоа, поради кои како предводник на макбаскетот треба да ја преземе одговорноста за големиот кикс. Првата е смената (не продолжувањето на договорот) со Јорданчо Давитков од позицијата селектор, а по успехот со пласманот во квалификациите за ЕП. Втората е необезбедувањето чартер-лет за ноемврискиот циклус во Талин, каде што потоа кошаркарите не одиграа ниту еден меч и третата е - несреќното менување на дресовите без никаква, барем не јавно објавена или позната, причина и ставање на новото име на државата со придавката Северна.

Тимот што победува не се менува, се вели, но тоа не важеше за Антиќ кога дојде на функција, па најверојатно поради некои стари сметки, реши да не го задржи селекторот што беше во тој момент. Далеку од тоа дека Давитков сигурно ќе нѐ однесеше на ЕП 2022, но првиот човек на КФМ со овој нејасен чекор ја наруши тогашната хемија во репрезентацијата. А, тоа, најдобро се виде лани во февруари, кога на првиот меч на националниот тим по неговото доаѓање во Куќата на кошарката загубивме дома од Естонија во ужасно одигран меч, кој вчера се покажа клучен за отсуството од следниот континентален собир.

А, ако Антиќ собереше сили и го одврзеше ќесето уште лани во ноември и најдеше начин во Талин да отпатуваме директно, како сега во Перм, тешко дека некој наш кошаркар ќе се заразеше со коронавирусот, па таму ќе одигравме две средби. Кој знае каков ќе беше крајниот епилог, ако тогаш се сретневме со Естонија, која на тој турнир не одигра ама баш ништо, за што говори дебаклот од Русија со 28 поени разлика. Исто така, немаше месецов да играме четири средби во пет дена, па ќе можевме пореално да се надеваме на некој поголем успех на двете средби кои во нормални услови би ги играле на рускиот турнир.

Дресовите, пак, се капак на сѐ. Од нивното појавување во јавноста пред една недела па до денеска, социјалните мрежи вријат со негативни коментари, најмногу поради фактот што оваа промена е направена без причина, на истиот модел дресови со кои игравме лани, а на кои тогаш го немаше зборот Северна туку децениското решение за нашиот проблем со името – државното знаме. Ова донесе голем притисок врз кошаркарите, кога такво нешто најмалку им требаше, а како потврда за тоа е и фактот што и тие самите се срамеа од ваквите дресови. Доказ се нивните „чекирања“ од Перм на Фејсбук со стари фотографии, во дресот со знамето, а не со тој со придавката пред името на државата. Затоа, наместо за нивните игри, на интернет се дискутираше за евентуалниот политички мотив на Антиќ за ваков потег и наместо поддршка за кошаркарите, голем дел од јавноста изразуваше остри и максимално негативни реакции на сметка на првите луѓе на КФМ.

На сето ова може да се додадат и многуте неисполнети ветувања од предизбирната кампања, меѓу кои најважно е тоа за обезбедување генерален спонзор на Првата лига, што беше најавено за веднаш по седнувањето во фотелја, а сѐ уште не е сторено. Или најавата за агресивен маркетинг, што беше само празно ветување, бидејќи поради немање вистински спонзори во КФМ, на електронските билборди во салата во Перм најчесто се вртеа логовци на федерацијата, на АМС и на МОК, на кои ниту им треба реклама, ниту им значат нешто гледачите, со што е пропуштена идеална можност за промоција и заработка.

Тука е и константната кавга со поголем дел од прволигашите, немањето начин да се најде заеднички јазик, отсуството на транспарентност во работата, немањето сенс за објава на обични работи како што е одложување на завршниот куп-турнир поради давање приоритет на националниот тим, како и сѐ поголемите негодувања во кулоарите, засега непроверени и неофицијални, за премногуте вработувања во федерацијата на луѓе блиски до него.

Кога ќе се знае сето ова, тогаш јасно е зошто е неопходно Антиќ што поскоро да си поднесе оставка. Пред македонската кошарка е ново поглавје со национален тим, кој непотребно се враќа чекор наназад. Претквалификациите за СП 2023 ќе дојдат за час, а треба и да се решат проблемите со клубовите. За сето ова е потребно свежа крв и нови идеи. Според Статутот, Антиќ најрано може да биде сменет на 15 мај, додека самиот може да си поднесе оставка кога сака.

А, најдобро, за сите во макбаскетот, би било да си замине – веднаш!