Македонија треба да се откаже од Димитријевиќ – засекогаш!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Повеќе откажувања отколку настапи. Помалку кошеви од контроверзи. Има само 23 години, нема освоено ама баш ништо, несомнено е талентиран, но, според постапките, без некоја посебно изразена љубов кон државата во која е роден и во која израсна – пред сѐ кошаркарски.

Тоа е кусата верзија на приказната за Ненад Димитријевиќ, момчето кое денеска успеа да ги (до)разочара сите што барем малку следат спорт, по официјалната потврда за неговото ново одбивање да игра за Македонија. Дури успеа да го разочара и Перо Антиќ, првиот човек на КФМ, кој во минатото го бранеше како да му е роден син и кој (му) направи многу приватни и професионални отстапки само да го убеди да го носи тоа што треба само по себе да му претставува гордост – дресот со национални обележја.

Поранешниот НБА-кошаркар влезе во војна со претходникот Петар Наумоски, кога тој испрати барање за казна од ФИБА поради одбивањето да игра за младинската селекција, му „подари“ признание за кошаркар на 2019 година, кое со ништо не го заслужи (имаше многу подобри од него), па дури и му реши некои семејни ситуации (читај вработување) со цел да го одоброволи. И кога сето тоа не му „купи“ ниту телефонски повик за лично откажување од репрезентацијата, тогаш Антиќ се – разочара. Иако и самиот тој беше виновникот за идентични разочарувања од исти причини на некои претходни претседатели и селектори, но тоа е сосема друга приказна.

Без разлика што има само 23 години и сѐ уште е далеку дури и од двоцифрениот број репрезентативни настапи, ваквото однесување не е новост за „популарниот“ Нено. Тој и во младинските категории знаеше да одбие да игра, да најде изговор за да нема работно лето, особено во периодот кога селектор не му беше неговиот татко. Поради „чудна“ повреда не отпатува во Русија по домашниот дебакл од Естонија, кој нѐ чинеше настап на ЕП 2022, а за кој можеби самиот беше (нај)виновен. Не отпатува ниту на „балонот“ во Талин, каде што Македонија, за негова среќа, не одигра ниту еден меч поради заразени со коронавирусот. Одбиваше да игра и претходно кога селектор беше Јорданчо Давитков.

Димитријевиќ можеби игра во силната АЦБ-лига, можеби летово потпиша за повремениот евролигаш Валенсија и можеби често е споменуван во шпанските медиуми поради своите луцидни потези. Но, тоа ниту најмалку не му дозволува вакво непочитување кон светиот дрес на кој се врежани македонските национални обележја. Да се откаже играњето за Македонија е нечесно само по себе, но да се направи тоа без воопшто да се даде објаснување, барем според изјавите на луѓето од КФМ, без да се каже барем некоја себична причина е – кукавички чин. Денеска, беше ставен во иста реченица со легенди како Пандев и Лазаров, а за него емотивно обраќање на раб на солзи имаше можеби единствениот во макбаскетот без црна репрезентативна дамка – Тодор Гечевски, личности од кои може само да учи како се сака жолто-црвениот дрес.

Затоа, без разлика на неговата младост, време е Македонија да го врати ударот. Да се издаде декрет кој би бил важечки за сегашниот и за сите следни селектори, за воопшто да не го ставаат во комбинација за настап во националната кошаркарска гордост. Со сѐ што направи летово, но и претходните години, Нено апсолутно заслужи една ваква анатема.

А, ако во догледно време „порасне“ и посака да се покае и да се врати таму каде што играчки порасна и преку чии младински селекции им падна во очи на скаутите на Хувентуд, тогаш ќе мора „дебело“ да се извини. Ќе мора да закупи по две минути на сите национални телевизии, по две страници во сите весници и голем простор во буквално сите портали на македонскиот медиумски простор и да каже односно напише: „Македонијо, извини! Македонци, извините!“.

Само така ќе може да си ги „измие гревовите“ и да се врати во своето јато.