Животот на Шумахер е голема мистерија: Легендата не зборува, плаче и седи во количка...

Навивачите на легендарниот возач во Формула 1, Михаел Шумахер нема по добро да го паметат 29 декември затоа што на тој ден пред осум години се случи големата несреќа на скијање, при што Германецот заработи сериозна повреда од која се уште сѐ лекува, а засега не се познати премногу детали за неговата здравствена состојба.

Седумкратниот шампион во Ф1 падна на Алпите и со глава удри во карпа, при што има трајни последици. Познато е само дека од неговиот дом беше префрлен со хеликоптер во најблиската болница, каде што се наоѓаше во критична состојба.

По две операции беше ставен во вештачка кома, за да може легендарниот Германец да зачува што е можно повеќе мозочни функции, а дури во април 2014 година излезе од кома, а тогаш беше потврдено дека може да слуша и да одговара на допир.

Сопругата на Шумахер, Корина и цело семејство успешно го чуваат најдобриот возач во историјата од очите на јавноста, иако некои информации за здравјето се појавија.

„Ние се трудиме да живееме како семејство, како што сакаше Михаел и како што сака во моментов. Со него правиме терапии и се обидуваме да му биде подобро. Продолжуваме со животот, но остануваме во приватност. Важно ми е да ужива во приватноста. Тој секогаш нѐ штитеше нас, а сега го штитиме ние него“, кажа Корина.

Елизабета Грегорачи, поранешната сопруга на Флавио Бријаторе кажа дека има информации за здравствената состојба на Германецот.

„Шумахер не зборува, тој комуницира со очите. Само тројца луѓе смеат да го видат“, кажа Елизабета.

Семејството на поранешниот возач на Ферари кажа дека Михаел не е подвижен, иако се појавија информации во еден магазин дека Шумахер може да се движи минимално со помош на физиотерапевт и да ја крене едната рака.

За Шумахер во претходните години сите странски медиуми пишуваа и тврдеа дека се наоѓа на различни локации, а имаше и шпекулација дека е во болница под лажно име.

„Кога ќе го ставите во инвалидска количка и ќе го свртите кон прекрасната панорама на планината со поглед на езеро, Михаел понекогаш плаче“, откри еден член од семејството.

Годинава беше објавен и филмот на „Нетфликс“ за Шумахер, во кој изјава даде и синот на Михаел, Мик кој вози во Формула 1.

„Би дал сѐ за да поразговарам со татко ми и да ги споделам искуствата. Имаше многу моменти по несреќата кои не можев да ги споделам со двајцата родители. Тоа не е фер. Но, има и многу моменти на кои ќе се сеќаваме. Кога размислувам на минатото, ми се враќаат слики како се забавуваме сите заедно“, кажа Мик.

Поминаа осум години од страшната несреќа, а животот на Шумахер останува мистерија за пошироката јавност, која се надева дека еден ден ќе го види легендарниот возач.