Возачот на Мекларен брутално искрен: Направив будала од себе во Канада!

Еден од најголемите конкуренти за шампионската титула во Формула ѝ, Ландо Норис, кој вози за Мекларен, јавно призна дека направил голема грешка и „направил будала од себе“ кога се судри со тимскиот колега Оскар Пјастри за време на синоќешната трка за Големата награда на Канада.

Британецот не успеа да ја заврши трката во Монреал, откако удри во „соиграчот“ во самиот финиш од трката. Норис предизвика излегување на безбедносното возило, додека Пјастри продолжи и заврши на четвртото место без разлика што имаше оштетувања.

„Не очекував дека ќе го претекнам Оскар од надворешната страна во првиот свиок. Едноставно, не требаше да ризикувам. Мислев дека тој почна да свртува десно и дека имам мала шанса да одам лево, но тоа беше преголем ризик, особено за мојот тимски колега. Среќен сум што нему не му се случи ништо. Јас ја платив цената за мојата грешка“, изјави Норис.

Мекларен им дозволува на своите возачи чиста борба на патеката и тоа во ситуација кога заедно со Макс Ферстапен од Ред Бул се главни кандидати за шампионската титула.

„Нашето прво правило е да нема контакт со тимскиот колега и јас го прекршив тоа. Мекларен е мојата фамилија. Возам за нив секој викенд. Се обидувам да бидам добар за нив повеќе отколку за себе. Затоа, кога ќе ги изневерам и ќе направам будала од себе, како сега, многу ми е жал“, додаде Норис.

Неговиот тимски колега Пјастри го поздрави неговото чесно признавање и ја истакна важноста на добрата атмосфера во тимот.

„Ландо е одличен човек, секогаш кажува што мисли, без разлика дали тоа му штети или не. Тоа е негова одлика која е добра за тимот, бидејќи ни овозможува да разговараме отворено и да ги надминуваме проблемите“, рече Австралиецот.

Пјастри е прв во генералниот пласман со 198 бодови, Норис остана на 176 додека Ферстапен е трет со 155 бодови. Следната трка во шампионатот е за Големата награда на Австрија и тоа за две недели.

ФОТО: EPA PHOTO