Во Ф1 догодина во една третина од гранпријата ќе има и спринт трки

Спринт трките во Формула 1 кои сезонава се новитет во три гранприја во календарот на „октанскиот циркус“ во следната година ќе стигнат до третина од вкупниот календар, најави Стефано Доменикали, извршниот директор на Ф1 и екс-прв човек на Ферари.

Доменикали објави дека раководството на најатрактивниот автомобилистички шампионат се исклучително задоволни од спринт-трките, па за следната сезона е планирано да има седум такви спринтови, што значи на седум гранприја ќе има квалификации, па спринт-трка, а таа потоа ќе го одреди поредокот за стартот на трката. Со тоа што од спринтовите се добиваат поени, три за прво, два за второ, а еден за трето место.

„На почетокот на годинава најавивме дека оваа сезона ќе има три пробни натпреварувања со цел да бидеме сигурни дека имаме план за во иднина. Спринт-трките остануваат, а наша желба е да ги задржиме на околу седум во сезоната, а притоа да ги поврземе и со поинаков начин на освојување на бодови и со патеки на кои би можело да се направи одредена разлика“, вели Доменикали

Досега во сезонава веќе имаше две спринт-трки на „Силверстоун“ за ГН на Велика Британија и на „Монца“ за ГН на Италија. Последната спринт-трка во овој пилот проект сезонава е за ГН на Бразил.