Трагедија на релито Дакар: Загина португалски мотоциклист

Португалскиот мотоциклист Пауло Гонсалвеш го загуби животот откако падна за време на релито Дакар, што годинава се одржува во Саудиска Арабија.

Фаталната несреќа се случила по 276 извозени километри за време на седмата етапа од трката. Организаторите преку официјално соопштение потврдија дека 40-годишниот мотоциклист бил прогласен за мртов во болница откако бил донесен во бесознание.

„Сите во Дакар караванот би сакале да изразиме искрено сочуство до семејството на Консалвеш и неговите пријатели“, објавија организаторите.

Португалецот учествуваше во своето 13-то Рели Дакар, а пред пет години заврши втор во генералниот пласман кај мотоциклистите зад победникот Марк Кома.