Трагедија на релито Дакар: Францускиот мотоциклист почина пет дена по тешкиот пад!

Францускиот мотоциклист Пјер Керпин, кој се здоби со тешки и животозагрозувачки повреди после пад на релито Дакар во седмата етапа, после пет дена почина и тоа за време на неговиот трансфер од Саудиска Арабија во Франција со лекарски авион.

Керпин после тешката несреќа бил експресно опериран и ставен во индуцирана кома, но не дочекал да стигне во Франција за тамошните лекари да пробаат да се изборат за неговиот живот, па тој починал во болничкиот авион на пат од Џеда.

„За време на трансферот со лекарски авион од Џеда до Франција, Керпин им подлегна на повредите здобиени по падот во седмата етапа од Хаила до Сака на 10 јануари“, објавија организаторите.

За Французинот ова беше четврти настап на релито Дакар, кој заврши кобно за него.