Македонските авантуристи кои тргнаа на неверојатно патешествие до Пекинг (Кина) и тоа со Рено 4, успеаа да дојдат до својата дестинација – да го видат кинескиот ѕид. Минаа 11.000 километри, патуваа во авантурата дваесетина дена, а на крајот поради проблеми на влез во Кина, мораа авионски да стигнат до одредиштето.

Херојскиот потфат е комплетиран за македонските авантуристи, а тие сликани пред зборовите на Мао Це Тунгдека „не си херој ако не си го видел кинескиот ѕид“, велат:

„Ние успеавме да го видиме, и тоа на херојски начин!“

„Стојаково и Македонија на нозе, Кина на колена! Битката на кинеската граница ја загубивме, ама војната ја добивме. Голема благодарност до сите. Почнувајќи од нашиот тим во импровизираното студио во кафе бар Икс во Стојаково, кој деноноќно беше со нас и ни даваше точни информации по патот, потоа голема благодарност до сите спонзори без кои оваа мисија немаше да биде возможна, посебно до градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов и општинскиот совет како најголеми донатори, благодарност до министерот Димитров, тимот професионалци од МНР како и вршителот на должноста Амбасадор на Македонија во Кина, нејзината екселенција, г-ѓа Зорица Ташковска без кои влезот во Кина нема да беше возможен. На крај, најголемо фала и до сите наши знајни и незнајни пријатели и поддржувачи кои не охрабруваа да стигнеме до Пекинг по секоја цена!“, објавија македонските авантуристи.

Но, нивната мисија е половично комплетирана. Сега ќе треба по истиот пат, после ист број на километри да се вратат дома.

„Тука завршија 51 отсто од нашата мисија.Се надеваме нашето Рено е сѐ уште на аеродромот во Улаанбаатор. Утре сабајле се враќаме назад во Монголија и го започнуваме патот назад. Уште 11.000 километри полни неизвесност, друмски патишта и дружба со нашето Рено“, додаваат.