
„Ред бул ќе победи на сите трки, овој тим е од друга планета!“
Тој по денешната трка изјави дека двоецот на „Црвените бикови“ ќе триумфира на сите 23 трки од првенството, со што ја потенцира доминацијата на овој тим.
„Ред бул веќе ја има осигурено титулата, немам дилеми околу тоа. Не верувам дека некој годинава ќе се бори со нив. Би се обложил дека ќе победат на сите трки оваа сезона. Лесно им е во моментов и можат да прават што сакаат. Не мораат ниту да бидат на пол-позиција секоја трка, бидејќи знаеме дека Ферари се силни на квалификациите, но во трките никој не може со нив“, изјави Расел, кој ќе се обиде со својот Мерцедес да се вмеша во борбата за највисок пласман.
Слични се размислувањата на возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој денеска немаше среќа откако моторот му откажа додека беше на третото место.
„Не знам што се случи, едноставно откажа моторот. Очекувавме да бидеме послаби овој викенд, посебно во трката во споредба со Ред бул, но сега е јасно дека тие момци се од друга планета“, изјави Леклер.
Со двајцата конкурентски возачи не се согласува шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер.
„Сезонава имаме 23 трки и тоа е маратон. Треба да се остане константен цела сезона. Денеска беше добар старт за нас, но очекуваме ривалите да се вратат силни во иднина“, потенцира Хорнер.
Следната битка на жешкиот асфалт е закажана по две недели со трката за Големата награда на Саудиска Арабија.