Првата сезонска пол-позиција во Ф1 за Макс Ферстапен

Првата сезонска пол-позиција на стартот од новата сезона во Формула 1, ја освои Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул, за гранприто кое утре ќе се вози во Бахреин.

Ферстапен извозе круг за 1:28,997 минути и за четири десетинки беше побрз од актуелниот светски првак Луис Хамилтон со Мерцедес, додека трет заврши клупскиот колега на светскиот првак Валтери Ботас.

Леклер од Ферари го пополни вториот ред за утрешната трка на почетокот на новата сезона во која Хамилтон повторно е фаворит и ако освои нова титула ќе стане број еден во историјата на „октанскиот циркус“, откако лани стигна до седмата круна и се израмни со легендарниот Михаел Шумахер.