Почнува Формула 1 циркусот – сезонава дури три трки ќе се возат во сабота!

Претстојниов викенд со трката за Големата награда на Бахреин почнува 75. сезона од Светскиот шампионат во Формула 1 и тоа за првпат со две „пресметки“ по ред во невообичаен термин - во сабота.

Трките во Ф1 обично се одржуваат во текот на три дена со тренинг во петок, квалификации во сабота и главна трка во недела, но за првите две трки од оваа сезона тоа се менува. Причина за тоа е муслиманскиот празник Рамазан, кој почнува на 10 март, но и покрај тоа тимовите инсистираа и трката во Бахреин да биде поместена ден порано од логистички причини, односно да има доволно време да се пресели во Саудиска Арабија. А таму ќе се „избегне“ првиот ден од Рамазан со организирање на трката во сабота (9 март).

Сезонава во Формула 1, која има рекордни 24 трки, ќе има и трета трка што ќе се вози во сабота навечер и тоа за Големата награда на Лас Вегас, која ќе се вози на 23 ноември.