Нов победник во Мото ГП: Фернандес славеше првпат во кариерата

Возачот на Трекхаус, Раул Фернандес од Шпанија е победник на трката за Големата награда на Австралија во Мото ГП што се возеше на патеката Филип Ајленд.

Фернандес ја оствари својата прва победа во кариерата во премиерната класа со време од 39:49.571. Второто место на Големата награда на Австралија го освои возачот на Пертамина ендуро VR46, Фабио Ди Џанантонио од Италија, кој заостана 1,418 секунди зад победникот. Трет заврши возачот на Априлија, Марко Бецеки, кој беше 2,410 секунди зад Фернандез.

Борбата за титулата во Мото ГП одамна е завршена бидејќи возачот на Дукати, Марк Маркез ја обезбеди круната и е недостижен за ривалите, со 545 поени, 166 повеќе од неговиот брат Алекс Маркез. Шпанецот ја пропушти трката во Австралија бидејќи се опоравува од операција на десното рамо.

Следната трка во шампионатот во Мото ГП ќе се одржи на 26 октомври за Големата награда на Малезија на патеката Сепанг.