На Ферстапен му одговара да се судри со Хамилтон на решавачката трка во Абу Даби!

Натпреварувањето во формула еден-шампионатот се сведе на последната трка претстојниов викенд во Абу Даби, во која најголемите фаворити за титулата, Макс Ферстапен и Луис Хамилтон, влегуваат со идентичен број бодови (369,5) што отвори простор за разни шпекулации околу можниот епилог двајцата да го завршат целото првенство - изедначени.

Вакво сценарио е реално само на два начини и му одговара на холандскиот возач, кој во тој случај би станал светски шампион бидејќи има победи на девет трки, наспроти осумте на Британецот. Првиот начин двајцата да завршат изедначени е едниот од нив да заврши како деветти и да освои два бода, додека конкурентот да биде десетти, но и да го има најбрзиот круг на трката – двете вредни по еден бод.

Ова, секако, е многу поневеројатна варијанта за изедначен крај од таа која ќе биде копија на најдраматичните завршници во историјата на Ф1 помеѓу Сена и Прост, а тоа е – меѓусебен судир. На Ферстапен, кој и досега беше обвинуван дека премногу ризикува, дефинитивно му одговара да се судри со Хамилтон, но во моментот кога тој ќе го нема најбрзиот круг со цел да не би ризикувал така да остане до крајот и тоа да значи еден бод на контото на возачот на Мерцедес. Во тој случај, членот на Ред Бул првпат во кариерата би дошол до признанието – најдобар во светот.

Ова дефинитивно не е сценарио кое ептен тешко би можело да се случи, иако аналитичарите споменуваат и можност Хамилтон да добие помош од клупскиот колега Валтери Ботас, кој во Абу Даби ќе ја вози последната трка за Мерцедес. Но, најреално е да се очекува двајцата најдобри директно да го решат меѓусебниот дуел, можеби налик на начинот на кој Прост дојде до титулата во 1989 година забивајќи се во болидот на Сена, или, пак, на кој Бразилецот ја врати „услугата“ следната година кога стана најдобар со удирање на автомобилот на Французинот.

Последен пат двајца возачи во последната трка влегле со изедначен број бодови било во веќе далечната 1974 година.