Морбидели ќе вози за фабричката Јамаха во Мото ГП

Ланскиот вицепрвак Франко Морбидели до крајот на оваа сезона ќе вози за фабричкиот тим на Јамаха во Мото ГП шампионатот, а потоа ќе продолжи во следните две сезони 2022 и 2023 година. 

Италијанецот беше под договор со Јамаха, но возеше во филијалата Петронас Јамаха заедно со Валентино Роси. Сега доби унапредување иако сезонава имаше многу пехови со повредите. 

Морбидели во јуни реши да оди на операција на коленото, па пропушти пет трки. Тој сега е целосно подготвен и ќе вози за Монстер Јамаха претстојниот викенд на трката за Големата награда на Сан Марино на патеката „Марко Симончели“ во Мизано.

Во 2020 година Морбидели заврши втор во генералниот пласма и оствари вкупно три победи. Тој сезонава го менува Маверик Вињалес, кој заработи отказ од Јамаха пред повеќе од еден месец поради нелегални промени на мотоциклот. Вињалес во меѓувреме потпиша за Априлиа.

Замена за Морбидели на мотоциклот на Петронас Јамаха ќе биде Андреа Довициозо.