Легендарната германска патека се враќа во календарот на Формула 1
Извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, потврди дека иницијативата дошла токму од Хокенхајм, кој по преземањето од нови инвеститори во 2024 година започна амбициозен проект вреден околу 250 милиони евра. Планот вклучува проширување на постојните капацитети, изградба на хотел и нов забавно-моторспортски комплекс, со цел патеката повторно да ги исполни високите стандарди на Формула 1.
Последната трка од Формула 1 на Хокенхајм се возеше во 2019 година, по што Германија остана без свој Гран при во шампионатот. Сепак, зголемениот интерес за Формула 1 во Европа повторно ги отвори вратите за враќање на историските патеки во календарот.
Иако разговорите се во почетна фаза, Доменикали нагласи дека за враќање на германската трка ќе бидат потребни значителни финансиски инвестиции, бидејќи конкуренцијата за место во календарот е голема, а интерес покажуваат и бројни други земји од Европа, Африка, Азија и Јужна Америка.