Барселона за 11 милиони евра продаде млад талент со одиграни само девет минути за првиот тим
Маркес е производ на познатата академија на Барселона, но и покрај големиот потенцијал, досега доби минимална шанса во сениорскиот состав. За првиот тим одигра само два натпревара, со вкупно девет минути на теренот.
Дебито го имаше на 7 февруари годинава против Мајорка на „Камп Ноу“. Сепак, поради големата конкуренција во тимот, младиот играч проценил дека за неговиот развој е подобно да продолжи во средина каде што ќе добива многу поголема минутажа. Барселона, сепак, не се откажа целосно од можноста Маркес во иднина повторно да го облече дресот на каталонскиот клуб. Во договорот е вклучена откупна клаузула од 60 милиони евра, додека Барселона задржува и 20 отсто од економските права на фудбалерот, како и процент од евентуален иден трансфер.
Маркес со Брага потпиша договор до 2030 година и ќе го носи дресот со број 16. Интересно е што веднаш по трансферот го следеше својот нов клуб од трибините на натпреварот против Австрија Виена, кој португалскиот тим го доби со 2-0. Во Брага ќе има можност да работи и со уште еден фудбалер кој потекнува од школата на Барселона – Пау Виктор. Напаѓачот минатата сезона постигна 17 гола за португалскиот клуб, а за новата сезона го доби престижниот број 10.
За Барселона, трансферот претставува комбинација од финансиска заработка и зачувување на контролата врз иднината на младиот фудбалер, додека за Маркес преселбата во Брага е обид да добие многу поголема улога и да направи важен чекор во сениорската кариера.