Арсенал се пофали со англиски репрезентативец на неколку часа пред првиот меч во сезоната

Арсенал официјално го потврди трансферот на Езри Конса од Астон Вила, во засилување кое треба да донесе дополнителна сигурност во одбраната на тимот на Микел Артета. Лондонскиот клуб ќе плати фиксни 51 милион фунти, а сумата може да порасне за уште четири милиони преку бонуси.

Дваесет и осумгодишниот англиски репрезентативец потпиша четиригодишен договор со Арсенал, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона. Конса ќе го носи дресот со број 15.

Неговото доаѓање е особено важно поради проблемите во одбраната на „топчиите“. Вилијам Салиба има повреда, додека Јуриен Тимбер подолг период има проблеми со повреди. Конса може да настапува како централен дефанзивец, но и на десната страна од одбраната, што му дава дополнителна тактичка флексибилност на Артета.  Конса е четвртото ново засилување на Арсенал ова лето, по Бруно Гимараеш, Христос Цолис и Илан Мелје. Клубот претходно ги откупи и правата на Пиеро Инкапие од Баер Леверкузен.

„Да играм за еден од најдобрите тимови во светот е гордост за мене и моето семејство. Сакам да продолжам да освојувам трофеи, гладен сум за победи и затоа сум тука“, изјави Конса по потписот.

Англичанецот во Астон Вила пристигна во 2019 година од Брентфорд и за клубот од Бирмингем одигра дури 286 натпревари. Во мај годинава помогна Вила да го освои трофејот во Лига Европа, првиот голем пехар на клубот од 1982 година. Конса беше дел и од англиската репрезентација на последното Светско првенство, каде што настапи на сите натпревари.

Интересно е што неговото можно деби за Арсенал може да биде особено емотивно. „Топчиите“ на 31 август ќе гостуваат токму кај Астон Вила на „Вила Парк“, па Конса би можел да се соочи со својот поранешен клуб само неколку дена по трансферот.