Хаос на дождот во Мелбурн и победа на Норис на отворањето на сезоната во Формула 1

Возачот на Мекларен, Ландо Норис славеше на трката за Големата награда на Австралија со која утринава стартуваше новиот шампионат во Формула 1.

На патеката Алберт Парк, Британецот дојде до петтиот триумф во кариерата, со девет десетинки предност во однос на Макс Ферстапен од Ред Бул. На третото место се најде Џорџ Расел од Мерцедес кој доцнеше 7,5 секунди зад актуелниот шампион.

Првата трка во новата сезона ја одбележаа променливи услови, бројни инциденти, одложување на стартот и три периоди на безбедното возило на патеката. Ако Норис беше победник на денот, најголем губитник е неговиот тимски колега Оскар Пјастри кој беше на пат кон подиумот кога направи грешка при појавата на дождот.

Норис во Мелбурн извозе една од најдобрите трки во својата кариера, по исклучително тешки услови. Во текот на поголемиот дел, Пјастри беше зад него и го притискаше, а во финишот таа улога ја презеде Ферстапен, но Британецот не потклекна. На тој начин, Норис му ја донесе на Мекларен првата победа на отворање на сезоната уште од 2012 кога на истата патека триумфираше Џенсон Батон.

Покрај триото на подиумот, бодови денеска освоија уште Албон, Антонели, Строл, Хулкенберг, Лејкер, Пјастри и Хамилтон. Втората трка во сезоната се вози идната недела во Шангај, за Големата награда на Кина.