Хамилтон: И Ботас има болид како мојот, па нема исти резултати како мене!

Старо-новиот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон кој се израмни со легендарниот Михаел Шумахер освојувајќи ја седмата круна во најбрзиот автомобилистички циркус, му здодеаа приказните дека поради добриот болид на Мерцедес е така доминантен, што практично е без конкуренција веќе подолго време.

Хамилтон до светската круна стигна на Големата награда на Турција, која се возеше изминатиот викенд, иако имаше ужасно лоши квалификации со девето стартно време, но едноставно Мерцедес е пребрз за ривалите, а Хамилтон толку доминантен што е без конкуренција. Ама постојаното потенцирање дека токму поради добриот болид, Хамилтон доминира, го налутија Британецот, па реши сега да одговори, помалку и самобендисано.

„Во Мерцедес има уште еден сјаен возач (Валтери Ботас – н.з.), кој вози ист болид како мене, ама видете тој не постигнува резутати како јас. Имаме ист болид, веројатно и тој би требало да биде како мене. Значи ова е доказ дека не е сѐ само до болидот, има и нешто повеќе“, вели Хамилтон.