ФИА ја истражува трката во Абу Даби, резултати се очекуваат во февруари

Светската автомобилистичка федерација (ФИА) очекува да биде завршена истрагата за завршницата на трката за Големата награда на Абу Даби најдоцна до почетокот на февруари.

„Скај Спорт“ објави дека во моментов се води официјална истрага, а тим од експерти разговара со сите кои беа вклучени во контроверзата на крајот на сезоната, меѓу кои беа и директорот Мајкл Маси, возачите и претставници на тимовите.

Процесот ќе го предводи Питер Бајер, генералниот секретар на ФИА за мотоспорт, а во истрагата ќе учествува и претседателот на ФИА, а повеќе детали се очекуваат да бидат објавени до 3 февруари.

Оваа истрага нема да има влијание врз шампионот Макс Ферстапен, односно титулата ќе остане во негови раце, но може да влијае врз одлуката на британскиот возач Луис Хамилтон за продолжување на неговата кариера.