Ферстапен со најголема предност во последните 20 години до пол-позиција на Сузука!

По релативно лошиот викенд во Сингапур според неговите стандарди, со оглед што заврши „дури“ на петтата позиција, светскиот шампион во формула еден, Макс Ферстапен, продолжи со доминацијата и со убедлива предност со повеќе од половина секунда пред најголемиот ривал дојде до пол-позицијата пред утрешната трка за Големата награда на Јапонија.

Холанѓанецот во болидот на Ред Бул леташе на патеката „Сузука“ и во третиот квалификациски циклус извозе време од 1:28,877 минути со кои оствари најголема разлика во однос на второпласираниот уште од времето на Михаел Шумахер во 2004 година. Веднаш до него на стартот од трката ќе биде Остар Пјастри од Мекларен, кој беше побавен за 0,581 секунда, а од третата позиција ќе почне неговиот клупски колега, Ландо Норис.

За оваа тројка следуваат Шарл Леклер (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул) и Карлос Саинц (Ферари), додека двојката на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел трката во Јапонија ќе ја почнат од седмата и осмата стартна позиција. Пресметката на „Сузука“ е закажана за утре рано наутро по македонско време (7 часот).