Ферари ќе прави изложба во чест на Михаел Шумахер на неговиот 50-ти роденден

Германската автомото легенда Михаел Шумахер пред пет години доживеа тешка несреќа на скијање на француските Алпи и толкав период вегетира во својот дом во Швајцарија, а јавноста не знае многу за здравствената состојба на Германецот.

Шуми на 3 јануари ќе го прослави својот 50-ти роденден, а истиот неговиот поранешен тим Ферари, каде освои пет од своите седум титули, реши на посебен начин да му го прослави – со изложба. Од „црвениот барон“ најавија дека на денот на роденденот на Шуми ќе има изложба во музејот на најгламурозниот тим во Формула 1.

Шумахер во Ферари дојде во 1996 година, откако со Бенетон стана првак во 1994 и 1995, а потоа доминираше со „црното коњче“ од 2000 до 2006 година. Со седум титули е најтрофејниот возач во историјата, а од трките се прости во 2012 година. Една година подоцна доживеа тешка несреќа на скијање.

Мина години од несреќата во состојба која најголемите светски лекари ја опишаа како вегетирање, а пред неколку дена дојде убава вест дека тој повеќе не е прикован за кревет и не јаде од цевка, но состојбата наводно не може да се поправи за тој повторно да биде како пред несреќата.