Еклстон: Ферстапен е најдобриот возач на сите времиња!

Некогашниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстон, се уште е атрактивен со своите ставови и размислувања, особено кога тие се храбри, дури и дрски.

Во последното интервју за „Дејли Мејл“, зборуваше како Ф1-сезоната предолго се развлече, дека 22 трки во една сезона, колку што се сега во 2023 - се премногу.

„Моето мислење е дека 18 трки се доволно. Во мое време имавме и 20 и мислам дека тоа беше премногу. Мора да мислите на тимовите, нема да помине долго кога ќе треба да вработат двојно повеќе персонал. Со 22-23 трки по сезона ќе има претерано многу 'разводи' по тимовите. Прашање е само кога“, вели Еклстон.

Она што ги испровоцира фановите ширум светот беше неговиот одговор на прашањето кој е најдобриот возач што го видел во животот, а има видено доста.

„Макс е најдобриот возач на сите времиња. Без дилема. Порано велев дека тоа е Ален Прост, но сега велам Макс. Тој е најголемиот. Најдобар е во смисла да го извади најдоброто од болидот. Тој не се шегува, веднаш се насочува на тоа што е потребно. Во мојата листа тој е над Луис Хамилтон. Хамилтон, секако, е одличен возач, супер-талентиран. Тој ги разбира луѓето и го вади најдоброто од нив, но Макс е таков со болидите. Двајцата се многу различни. Кога Луис ќе престане да вози, тој може да влезе во различен свет, шоубизнис или слично, но така нема да биде кога Макс ќе замние. Макс е еден од нас, но во нашата Ф1 сфера никој не е како Луис“, коментира Еклстон.