Дукати повторно најбрзи во квалификациите: Бањаја постави рекорд во Мизано

Франческо Бањаја ја освои пол-позицијата за трката за Големата награда на Сан Марино што утре ќе се вози во Мизано на патеката „Марко Симончели“.

Мотоциклистот на Дукати извозе најбрз круг со време од 1:31,065 минути што е рекорд на патеката. За него ова е втора пол-позиција по ред откако и минатиот викенд беше најбрз во квалификациите за Големата награда на Арагон. 

Исто како и минатиот викенд неговиот тимски колега од Дукати Џек Милер беше втор, а Фабио Квартаро исто така ќе стартува од третата позиција. Во вториот стартен ред се возачите на Прамац Рејсинг, Хорхе Мартин и Јохан Зарко, шести е Пол Еспаргаро. 

Потоа следуваат Марк Маркез, Алеиш Еспаргаро, Алекс Ринс, Маверик Вињалес, Жоан Мир и Енеа Бастианини.