Доминација на Ферари во квалификациите, пол-позицијата за Леклер

Возачот на Ферари, Шарл Леклер ја освои пол-позицијата во квалификациите за трката за Големата награда на Мексико која се вози вечерва од 21 часот на патеката „Браќа Родригез“.

Тоа е 22. пол-позицијата во кариерата на возачот од Монако, а доминацијата на Ферари ја потврди неговиот колега Карлос Санс кој го освои второто место. Изненадување е благ збор за ваквиот развој на настаните бидејќи веројатно ни пилотите на Ферари не очекуваа да ги освојуваат првите две места по неубедливите слободни тренинзи.

На третата позиција заврши светскиот шампион Макс Ферстапен, а изненадување е и четвртопласираниот Даниел Рикиардо. Сепак, стартниот поредок би можел да биде променет бидејќи под истрага се Макс Ферстапен и двајцата возачи на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел и во случај да добијат казни, би можеле да стартуваат од други позиции.