Докторот што се грижи за Шумахер: Јас не сум волшебник и не правам чуда

Минаа речиси шест години од несреќата на Михаел Шумахер при скијање на француските Алпи, но и натаму јавноста има многу малку информации за состојбата на легендарниот Формула 1 возач. 

Изминатиот период се појавија информации за некаква револуционерна терапија со матични клетки, што многу му помогнала на Германецот во закрепнувањето од тешките повреди. Во јавноста се јави и докторот кој се грижи за здравјето на Шумахер, Филип Менаше.

Тој работи во француската клиника „Жорж Помпиду“ и вели дека не постои никаква експериментална терапија и реагираше на написите во медиумите.

„Јас не сум волшебник и не правам чуда. Јас и мојот тим не експериментираме. Тој термин за нас не постои и не одговора на она што е всушност медицината. Се случи експлозија на внимание по некои написи во медиумите, но ситуацијата се нормализираше. Многу имаме напреднато во изминатите 20 години во медицината, но и натаму многу малку знаеме за матичните клетки“, вели доктор Менаше за „Марка“.

Се појавија информации дека Шумахер е свесен, но и натаму е во тешка состојба по повредата на главата. Семејството на поранешниот светски шампион не дава никакви официјални информации за неговото здравје.