Денот кога плачеше цел свет: Пред 27 години почина Аиртон Сена (ФОТО+ВИДЕО)

Спортскиот свет и љубителите на Формула 1 на 1 мај 1994 година загубија еден од најголемите автомобилисти и еден од најдобрите во Формула 1, Аиртон Сена.

Сена на почетокот на сезоната во 1994 година на две трки имаше пол-позиција, но не успеваше да ги заврши трките, туку мораше да се откаже по извртување на трката за Големата награда на Бразил и на следната трка, кога имаше контакт со болидот на Мика Хакинен.

Трката за Големата награда на Сан Марино се возеше на 1 мај 1994 година на патеката во Имола, на која Сена исто така освои пол-позиција, а два дена пред трката, блискиот пријател на Сена, Рубенс Барикело имаше тешка несреќа од која излезе со скршен нос.

Утрото пред трката се инсистираше на формирање на работна група, која ќе се потруди Ф1 да биде побезбедна, а на ден на трката вознемирен беше Сена и за тоа сведочи неговата вереничка, која му кажала да не вози воопшто и да се откаже од трката.

Меѓутоа, правилата на професионалниот спорт некогаш се сурови, Бразилецот не можеше да се откаже од трката и тргна од стартот. По судирот на стартот на трката и прекин, Сена беше лидер, а по два круга од продолжението тој при голема брзина удри во ѕид.

Откриено е дека успеал да ја намали брзината од 309 км/ч на 219 км/ч за две секунди, но тоа не му помогна да го спаси неговиот живот. Сена загина по тој судир, а тогаш цел свет беше во шок поради загубата на големиот автомобилист.

Сликата од кацигата на легендарниот Бразилец покажува дека таа пукнала над десното око, а Светската автомобилистичка федерација (ФИА) и италијанските власти и понатаму тврдат дека возачот починал во болница во Болоња, а не на лице место по судирот.

Сите љубители на Ф1 се сеќаваат на шампионот од 1988, 1990 и 1991 година, мајсторот за возење по дожд, поради што доби и таков прекар. Беше неверојатно талентиран и беше енигма за ривалите, но секогаш ја добиваше заслужената почичт.

По неговата смрт беше откриено дека Сена донирал и милиони во хуманитарни организации кои помагале на децата, па така негово семејство подоцна ја создаде Фондацијата Аиртон Сена, која им помага на децата.