Биното го охрабри младиот возач: Случувањата во Австрија се доволна мотивација за Леклер

Младиот Леклер беше бескрајно разочаран поради тоа што не славеше на патеката „Шпилберг“, бидејќи во последните кругови од трката беше исфрлен од патеката од пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен, но според стјуардите констатирано беше дека се работи за регуларен потег.

Поради тоа Леклер мораше да се задоволи со второто место, додека највисоко на подиумот се искачи Холанѓанецот.

Мислам дека тој е подготвен за наредната трка. Овој инцидент ќе му даде дополнителен мотив за да дојде до првата победа во Формула 1. Жал ми е што се случи во последните кругови од трката, но тој веќе е насочен на новиот предизвик. Пред или подоцна ќе дојде неговото време, истакна Биното.

Меѓутоа, шефот на Скудерија смета дека тимот на Ферари нема да биде толку добар на останатите патеки како во „Шпилберг“.

Карактеристиките на патеката се главен фактор. Знаевме дека на Пол Ришард ќе ни биде тежок викенд и дека во Австрија имаме поголеми шанси за добар пласман. Меѓутоа болидот напредува. Одиме по добар пат, возачите имаат поголема самодоверба, но сметам дека нема да можеме да се бориме на сите патеки. Има трки кои се тешки за нас, истакна Биното.

Формула 1 шампионатот продолжува на 14 јули кога на програмата е трката за Големата награда на Силверстон.