Алонсо се изнервира: Се чувствувам како идиот зашто ги почитувам правилата!

Луис Хамилтон имаше инцидент со Макс Ферстапен на трката за Големата награда на Велика Британија, а притоа настрада болидот на возачот од Ред Бул.

Младиот Холанѓанец доживеа страшна несреќа од која нема посериозни последици, а многумина го критикуваа Британецот за неговиот опасен потег, по што се јави и Фернандо Алонсо.

Поранешниот освојувач на Формула 1 за шпанските медиуми кажа како тој гледа на инцидентот кој се случи во Велика Британија.

„Секогаш сум бил фер возач, цела своја кариера. Јас сум еден од ретките кои немаат црна дамка во својата биографија. Се чувствувам како идиот што ги следам правилата. Се обидовме да ги предупредиме некои возачи поради нивното однесување, но никогаш не се презема нешто конкретно. Ако не можеш да победиш, приклучи им се. Очигледно треба и јас да се однесувам како другите“, вели Алонсо.