Закањи во 98. минута ја расплака Хрватска: Италија ќе игра осминафинале на ЕП

Актуелниот европски шампион Италија одигра нерешено против Хрватска (1-1), додека Шпанија ја совлада Албанија (1-0) во последното коло од групата Б на Европското првенство (ЕП).

Италија имаше голем број шанси во првото полувреме против Хрватска, меѓутоа мрежите на двете селекции мируваа, а најзаслужни за тоа беа голманите Џанлуиџи Донарума и Доминик Ливаковиќ.

„Коцкестите“ тргнаа пожестоко кон голот на Донарума во вториот дел и добија пенал во 54. минута. Лука Модриќ не беше прецизен од белата точка, но затоа во следната акција се корегира и погоди за водство од 1-0.

Европскиот шампион тргна во продолжение од средбата по реми, а до посакуваниот бод стигна дури во 98. минута кога Закањи ја затресе мрежата на Ливаковиќ.

Шпанија ја запиша третата победа во групната фаза, откако вечерва ја надигра Албанија со 1-0, а голот за победа го постигна Феран Торес.

Италија и Шпанија обезбедија осминафинале на ЕП, додека Хрватска има два бода и ќе се надева на „милост“ од останатите, додека Албанија си оди дома.