Вардар со три летни засилувања во стартниот тим - офанзивно почнува во Ереван (ФОТО)

Македонскиот вицешампион Вардар му гостува попладнево (16 часот) на ермански Пјуник на стартот на новата летна авантура во квалификациите за Лига Европа, но за разлика од ланската историска сезона, овојпат со реновиран и подмладен тим ќе се обидат црвено-црните да опстојат подолго на европската сцена.

Тренерот на Вардар за дуелот со Пјуник како и што се очекуваше ќе тргне офанзивно, со формација 4-3-3, а во стартниот тим ќе има три летни засилувања.

На голот ќе бие Филип Гачевски, а во дефанзивната четворка Кристијан Тошевски на десната бековска позиција, Евгениј Новак и Коста Манев како стопери, а капитенот Горан Попов на левата бековска позиција. Во средината ќе играат Дарко Мицевски, Кларенс Битанг и Бесир Исени, додека во нападот Тигран Барсегјан и Матеј Цветановски на страничните позиции како поддршка за најистурениот Вилијан Лира.

На клупата за резерви се вториот голман Филип Илиќ, аргентинскиот стопер Николас Херанц, напаѓачот Максим Максимов, како и Филип Најдовски, Тодор Тодоровски, Али Адем и Јакуп Бериша.