Вардар нема бодови, ама немаат ни Келн, Хофенхајм, Ријека...
Второто по ранг клупско натпреварување на Стариот континент е исклучително силно натпреварување за кое освен квалитетен состав потребно е и многу искуство. Вардар испиша нова историја во македонскиот фудбал со пласманот во групната фаза, нешто што претходно не успеала да го направи ниту една екипа од нашата држава.
„Црвено-црните“ на доста тежок начин ги учат првите европски чекори, бидејќи во својата група Л добија противници кои речиси секоја година играат во групната фаза во Лигата на шампиони или Лигата на Европа. Интензитетот на овие натпревари и паралелното играње на домашниот фудбалски фронт е нешто ново за Вардар, но и за македонскиот фудбал воопшто. Изминатите два натпревари беа исклучително важна лекција за нашиот клуб.
Секој натпревар е со посебна тежина, прво бидејќи Вардар никогаш не играл толку квалитетни натпревари со силни противници во една полусезона, а второ поради недостатокот од искуство да се бориш против европската елита секоја втора недела. Контото на Вардар е на нула, но во тоа нема ништо срамно, бидејќи по две одиграни кола и други далеку поквалитетни и поискусни екипи исто така сè уште чекаат на првите бодови во Лигата на Европа.
Од оние европски гиганти кои немаат бодови се и бундеслигашите Хофенхајм и Келн. Хрватскиот првак Ријека исто така по два натпревари нема бодови во групата Д, а тука се и швајцарски Лугано, Витезе од Холандија и Зулте Варегем од Белгија, кои во групата К чекаат на првиот бод.
Мала утеха е првиот гол на Вардар во Лигата на Европа, што синоќа го постигна Хуан Фелипе на мајсторски начин на гостувањето кај Розенборг во поразот од 3-1. Нашиот шампион барем го „скрши мразот“ на ова поле, а следно ќе биде и првиот бод, па зошто да не и победа. Овие два порази се добра лекција за „вардарци“ за да ја подигнат играта и пред сè да ја надминат психичката бариера, бидејќи фудбалски не заостануваат ништо повеќе зад Розенборг и Зенит.
Следната шанса за Вардар е Реал Сосиедад, кој гостува на „Филип Втори“ на 19 октомври од 19 часот.