Вардар дебитира во ЛЕ: „Црвено-црните“ сакаат победничката серија да продолжи и против Зенит!

Историјата во август ја напишаа со пласманот во Лига Европа, па фудбалерите на македонскиот шампион Вардар денеска ќе ја почувствуваат сласта да бидат дел од друштвото на големите и ќе треба да уживаат, растеретени од било каков притисок за да покажат дека се тим достоен да има европска есен. Руски Зенит е првиот предизвик (Национална Арена „Филип Втори“, 20.45 часот), фаворитот во групата и клуб што потроши 20 буџети на вардарци за еден преоден рок.

Откако го направија најголемиот успех на македонскиот фудбал, вардарци низ квалификациите покажаа дека се тим за високи дострели, дома во три меча имаат максимален ефект, го елиминираа Малме и „балканскиот Реал Мадрид“, Фенербахче, па против „сините“ од Санкт Петербург сега е шанса да се продолжи вардаровото чудо од кое импресионирана остана цела фудбалска Европа. Вечерва, вардарци треба да уживаат на теренот, затоа што тоа си го заслужија и уште еднаш со тимската игра, борбеноста, одговорноста и водството на Јаневски да пробаат да го изненадат Зенит, а со тоа одново да бидат на насловните страници низ европските медиуми.

„Играме против доста квалитетна екипа, која секоја година игра во Европа. Зенит во 2008 го освои овој пехар и тоа доволно покажува каква за екипа станува збор. Ние сме дебитанти, но сакаме да покажеме и на македонската и на европската јавност дека играме квалитетно и офанзивно. Играме дома, пред наша публика и се надевам дека ќе дојдат да не поддржат. Досега имавме три победи дома, па се надевам утре на четврта победа. Нема што да загубиме од овој меч - може само да добиеме!“, вели капитенот Бобан Грнчаров.

Вардар годинава на меѓународна сцена го победи Малме (3-1) во Струмица, Копенхаген (1-0) и Фенербахче (2-0) во Скопје, па фудбалерите сега сакаат победничката серија да продолжи и вечерва, а во престолнината да падне уште еден гигант, кој е десет пати повреден на фудбалскиот пазар во однос на црвено-црните.

„Ова е историски меч за Вардар и за македонскиот фудбал и ние сакаме да направиме историски резултат, иако знаеме дека играме со Зенит, кој има добри индивидуалци, кој има неколку интернационалци, пред се аргентински напаѓачи. Јас се надевам дека утре пред навивачите ќе одиграме добар меч и на крајот сите задоволни ќе го напуштиме стадионот. Подготвени сме, работевме многу тактички и тоа што е најважно – мора да бидеме внимателни. Не треба да не носат емоциите, да мислиме дека по нивните две ремија ќе биде лесно. Ние треба да играме своја игра, да играме на наш квалитет и само така може да се надеваме на добар резултат“, вели Јаневски.

Вардарци по летните квалификации ги заслужија честитките од сите, па тие дојдоа и од таборот на вечерашниот ривал, кој на клупата го има Роберто Манчини, поранешниот италијански репрезентативец, кој има шампионски титули со гиганти како Интер и Манчестер сити.

„Ќе биде тежок натпревар за нас бидејќи првиот натпревар во групата секогаш е со голем товар. Тоа е една комплетна екипа. Не можеме да кажеме како ќе игра Вардар, но знаеме дека е одлична во одбраната и со многу добар контра-напад“, рече Манчини.

Судија на вечерашниот меч е Данецот Јакоб Келет, а ќе му помагаат Хенрик Ларсен, Хајне Серенсен, a дополнителни судии зад головите се Јанс Мае и Михаел Тикгард.