На Алкараз му „виси“ третото место, ама едвај чека да се сретне со Ѓоковиќ во Рим

Неочекуваниот пораз од Андреј Рубљов на Мастерсот во Мадрид придонесе Карлос Алкараз да се најде пред пад на четвртата позиција на АТП листата бидејќи во шпанската престолнина ја бранеше титулата од минатата сезона.

Ако Медведев денеска го совлада Лехецка, Алкараз ќе биде четврти, но ќе има шанса да се врати на третото место и оттаму да го дочека „Ролан Гарос“ кој стартува пред крајот на месецов. Сепак, шпанскиот тенисер во вакви услови повторно размислува за Новак Ѓоковиќ чие учество е најавено на Мастерсот во Рим идната недела.

„Ќе носам специјална заштита на раката. Ќе видиме оваа недела дали ќе заздравам, едвај чекам во Рим да го видам Новак Ѓоковиќ и се надевам дека во Италија ќе заминам со позитивно чувство“, изјави Алкараз.

Мастерсот во Рим е еден од ретките турнири на земја каде тој лани потфрли и беше елиминиран во второто коло, освојувајќи само 45 бода. Тоа значи дека има добра шанса да го поправи своето бодовно салдо, но истото важжи и за Ѓоковиќ кој лани беше елиминиран во четвртфиналето и брани 180 бода. Титулата минатата година ја освои Медведев.