Вака се полни стадион: Зенит за дербито со Сосиедад нуди гратис превоз (ФОТО)
По дебаклот со празната Арена на дебито во Европа, низа прашања отворија приврзаниците на црвено-црните за неуспехот барем пристојно да се наполни стадионот, па реакции имаше од (пре)скапите билети за македонскиот стандард, кои се движат со цена од 600 до 1.200 денари по меч во зависност од местото на трибината, па се до слабиот маркетинг што клубот го направи за историскиот прв настап во Лига Европа, нешто за кое вина призна и сопственикот Сергеј Самсоненко, на прес-конференцијата ден по мечот, која изјави дека затаила „пи-ар“ службата на клубот.
Дека треба да се вложи малку напор за да се изнајде решение за полн стадион, најдобар доказ е неодамнешниот противник на црвено-црните, Зенит, кој в четврток го игра дербито на групата со Реал Сосиедад, а рускиот гигант се реши на најпопуларен потег за навивачите – бесплатно да им овозможи да дојдат на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург.
„Сините“ од неколку локации организираат бесплатни автобуси, кои на навивачите ќе им овозможат да не трошат време и пари за да стигнат на стадионот, а од интерес на клубот е истиот да биде полн, а избраниците да добијат поддршка со која ќе се обидат да стигнат до втора победа во групата. За потсетување, билетите за ова дерби на Зенит со Реал Сосиедад се движат по цена од 25 до 50-на евра.
Следниот меч на Вардар против шпанскиот тим е на програмата на 19 октомври од 19 часот, па црвено-црните имаат доолно време за добро да го изрекламираат мечот и со низа потези да се обидат да ја поднаполнат Арената, иако повторно има големи реакции за цената на влезниците за овој дуел, која е иста како и за првиот меч со Зенит.