УЕФА ја враќа Русија, не е исклучено да учествува и во квалификациите за Светското првенство

Иако агресијата на Русија врз Украина се уште трае, УЕФА полека ги враќа руските репрезентации во својот систем, без разлика на тоа што голем број европски федерации изразија негодување на тој план уште минатата година.

Агенцијата РИА новости објави дека У16 репрезентацијата на Русија од 12 до 18 април ќе настапи на УЕФА развојниот турнир во Минск, заедно со Белорусија и Казахстан, а четвртиот учесник ќе биде дополнително одреден. Сепак, најважната работа од сето ова е што Русите се надеваат дека нивната сениорска репрезентација ќе учествува во квалификациите за претстојното Светско првенство.

„Ждрепката беше неодамна објавена, но натпреварите уште не се почнати. Значи, многу работи можат да се променат и верувам дека можат да не вклучат во квалификациските групи“, изјави членот на Извршниот комитет на Фудбалската федерација на Русија, Михаил Гершкович.

Европските квалификации за Мундијалот почнуваат во март, но нејасно е како Русите би можеле да бидат вклучени бидејќи нема место во календарот за дополнителни натпревари поради Лигата на нации чии завршни дуели се играат исто така во март и во јуни.