Тренерот на Шкендија одговори на провокациите на Бекали: Ќе видиме на теренот

Шкендија вечерва ќе има тешка задача да ја одбрани предноста од еден гол во реваншот против ФЦСБ, во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Евентуален успех во Букурешт ќе значи дека тетовци имаат обезбедено европска есен бидејќи во најлош случај ќе играат во групната фаза од Конференциската лига. Сепак, Шкендија против себе ќе има одличен тим и полни трибини, а фудбалерите и стручниот штаб ќе треба да останат имуни на психолошките игри од противничкиот табор, конкретно од сопственикот на ФЦСБ, Џиџи Бекали.

На вчерашната прес-конференција, тренерот на Шкендија, Јетон Беќири беше замолен од романските новинари да ја искоментира изјавата на Бекали дека вечерва до полувреме ќе биде 3-0 за ФЦСБ.

„Ние ги респектираме тренерот и фудбалерите на противничкиот тим и не сакам да коментирам изјави од претседател, генерален менаџер или некој друг функционер. Верувам дека се ќе се решава на теренот, а не со изјави“, изјави Беќири.

Шкендија пропушти можност на првиот натпревар да му ја затвори устата на контроверзниот Романец бидејќи иако победи со 1-0, пропушти уште 3-4 изгледни шанси за гол.