Супер вест за Рома: Дибала е спремен за финалето во Лига Европа!

Аргентинската ѕвезда на Рома и најдобриот фудбалер на „волчицата“ Пауло Дибала е подготвен за задутрешното финале во Лига Европа во Будимпешта против Севилја, иако Жозе Мурињо објави дека се сомнева дека ќе го има на располагање пред неполна седмица.

Според „Скај Италија“, Дибала добил „зелено светло“ од лекарскиот тим на клубот и го поминал рехабилитацискиот циклус после повредата на скочниот зглоб пред неколку недели со Аталанта и сега е на располагање на Мурињо за најважниот меч сезонава.

Рома ќе патува за Унгарија и ќе биде во комбинација за настап, што е супер вест за римскиот калчолигаш, кој ќе се обиде да дојде до својот втор европски трофеј во втората сезона под палката на Мурињо, откако лани во Тирана ја освоија Конференциската лига.

Мурињо нема загубено европско финале во пет досегашни изданија, а ова му е шесто, но и Севилја нема загубено финале во својата омилена Лига Европа, каде е рекордер со шест трофеи во шест настапи, а ова им е седмо финале.