Судијата кој пцуеше фудбалери на ПСЖ денеска држеше предавање во Скопје!
Педесетина македонски судии и судијки имаа можност да ги следат предавањето на Кујперс, кој сега е член на судиската организација на УЕФА, како и тренинг-експертот за елитни фудбалски судии во УЕФА, професорот Вернер Хелсен.
„Овој семинар за нашите судии е од голема важност и претставува одлична можност подобро да се запознаеме со светска судиска величина како што е Кујперс. Знаењето што тој го споделува е од голема важност за нашите судии, за подобрување на нивната кариера и стекнување на поголемо знаење и самодоверба“, изјави Димитар Мечкаровски, првиот човек на судиската организација на ФФМ.
Кујперс е поранешен холандски судија, кој до пред две години активно ја делеше правдата, а се пензионира како актер на финалето од Еуро 2020. Познат е како најбогат судија со оглед што е сопственик на ланец маркети во Холандија, а во мај 2021 година беше обвинет дека ги пцуел фудбалерите на ПСЖ, Андер Ерера и Марко Верати, во поразот на овој тим во мечот против Манчестер сити во Лигата на шампионите.