Струга против Жалгирис на дебито во квалификациите за ЛШ

Македонскиот шампион Струга ТЛ ќе игра против литвански Жалгирис на своето деби во квалификациите во Лигата на шампионите, после денешната ждрепка за првото коло за новата сезона во мултимилионската елита.

Стружани добија неатрактивен противник, но избегнаа два големи фаворити како унгарски Ференцварош и бугарски Лудогорец, иако Жалгирис не е нималку лесен клуб за поминување. Првиот меч Струга ќе го игра на гости, а реваншот е седум дена потоа.

Жалгирис во изминатата сезона играше во групите во Конференциската лига со Базел, Слован Братислава и Пјуник, што беше нивни историски пласман после фантастични квалификации во кои минаа три рунди во ЛШ – Балкани, Малме и Бодо Глимт, а од Лудогорец загубија за пласман во Лига Европа.

Првиот меч е на програмата на 11/12 јули, а реваншот е седум дена подоцна на 18/19 јули.