Шпанија ни одржа фудбалска лекција, ама селекторот пак најде мана

Европскиот младински првак Шпанија ја потврди апсолутната фаворитска улога против македонските таленти со тримфот со доминантна игра и 3-0 вчеравечер на стадионот на Алкоркон во квалификациите за Евро 2021 и „црвената фурија“ со максимални четири победи е лидер во групата пред гостувањето во вторник кај Израел.

Шпанците, кои во јуни годинава станаа европски континентални владетели за фудбалери до 21 година во ниту еден момент не го доведоа под знак прашалник триумфот против Македонија, а да не беше нашиот чувар Ристе Јанков со неколку интервенции, триумфот можеше да биде уште поубедлив. И баш таа слаба реализација е маната што селекторот Луис Де ла Фуенте ја најде по триумфот, иако истакна дека е задоволен од победата.

„Ми се допадна желбата кај фудбалерите, посебно кај тие што дебитираа, ми се допаднаа многу работи, ама имаме простор за напредок. И мора да имаме поголема реализација на шанси, зашто во посилни мечеви, такви промашувања може да бидат голем хендикеп. Не треба да се плашиме да бидеме самокритични, а прво јас сам треба да се критикувам, па останатите. Сепак, гледам дека напредуваме, има многу позитивни аспекти, но морам да споменам дека победата е добредојдена за уште повеќе да се крене самодовербата. Среќен сум, но мора да сме самокритични за да бидеме – уште подобри“, рече Де ла Фуенте.