Шкендија го заверува второто коло за спектакл со шкотски Селтик

Македонскиот шампион Шкендија попладнево (17 часот, Национална Арена „Тодор Проески“) ќе го заверува пласманот во второто коло во квалификациите за Лигата на шампионите за да закаже спектакл со шкотскиот великан Селтик во следната рунда, а за такво нешто ќе им треба да ги одбранат естонските 1-0 против Номе Калју.

Тетовци се апсолутни фаворити и сѐ освен денешен нов триумф би било изненадување, сооглед дека и на гостувањето доминираа фудбалски, имаа посед на топка, се закануваа, но немаа реализација. Триумфот над Номе Калју за Шкендија ќе значи и официјално веќе сигурни 1,2 милиони евра награда после само седум дена на европската сцена, што е одличен приход за најдобрата екипа во земјава веќе втора сезона по ред.

„Имаме предност од 1-0, но максимално сконцентрирани ќе мора да го одиграме и овој меч со Номе Калју, зашто во фудбалот секогаш има изненадувања и таа предност не мора ништо да значи од првиот меч. Очекувам победа и пласман во следното коло“, најави тренерот Ќатип Османи.

Тетовци веќе извесно е дека и денеска ќе истрчаат со истите сили против естонскиот тим во овој реванш и дека ќе се потрудат до полувреме да ја завршат работата, меѓудругото и да сочуваат сили за пресметката со Селтик веќе следната недела. Естонците на првиот меч не покажаа премногу на фудбалски план, освен што добро се бранеа и цели 80 минути одолеваа на нападите на црвено-црните.