Седлоски против казахстански Каират, Тричковски и Мојсов со молдавски предизвик

Поранешниот тренер на Вардар и бивш македонски репрезентативец Гоце Седлоски, кој е кормилар на босански Широки бријег, го доби казахстанскиот Каират Алмати за противник во првото коло во Лига Европа по денешната ждрепка во Нион.

Седлоски и Широки добија доста незгоден противник на стартот од летните квалификации, за разлика од Иван Тричковски и Даниел Мојсов, кои со АЕК Ларнака не би требало да имаат проблем против молдавски Петрокуб Хинчести. Тричко и Мојсов лани играа во групната фаза во Лига Европа, па сега ќе се обидат да го повторат тој успех.

Од македонските интернационалци, бившиот репрезентативен бек Александар Тодоровски со Раднички Ниш ќе игра против естонска Флора Талин во оваа воведна рунда, додека сплитски Хајдук, каде сѐ уште член е Мирко Ивановски ја доби малтешка Гизра јунајтед за противник на стартот од летните квалификации.

Мол Види со Бобан Николов ќе игра против црногорска Зета од Голубовци.